Изборите ќе се организираат согласно протоколите, со внимание од сите нас ќе имаме успешен и мирен изборен процес. Ние секогаш кога носевме одлуки во изминатиот период тоа беше врз основа на лекарските препораки и внимававме на здравјето. Така ќе и биде и во иднина, се што ќе одлучиме во врска со изборите ќе биде врз основа на лекарските мислења, изјави Оливер Спасовски, потпретседател на СДСМ и премиер на државата, на ТВ 24.
Тој анализираше дека законските норми условуваат избори 22 дена по завршување на вонредната состојба.
За нас е важно да имаме функционални институции, не можеме и понатаму вака, немаме парламент, а воведовме вонредна состојба за да може државата да функционира само преку Владата. Носењето на уредбата за прекин на изборите го условува датумот за избори. Ако таа прекине, почнуваат да течат тие 22 дена за финиширање на изборниот процес. Јас знам дека важно е да имаме консензус околу датумот, затоа и имаше лидерски средби… Имаме состојба во која ќе живееме подолго и затоа мораме да имаме избори во првиот можен рок. Немаме начин како да функционираме како држава ако немаме избори. Очекувам дека сите партии ќе учествуваат на изборите, дополни Спасовски.
Според него комуникација може да има во секое време само партиите да најдат прифатлив датум за избори. Спасовски потсети дека и 21 јуни беше можен датум за избори, но ситуацијата налагала продолжување на вонредната состојба, но нагласи дека смета дека согласно условите нема потреба од нова вонредна состојба.