Сопругата на поранешниот полициски службеник Дерек Шовин, Кели Шовин во барањето за развод поднела и барање за промена на презимето, како и сопственост на нивните две куќи, стои во текст на CNN.
Кели Шовин го напуштила сопругот на 28 мај, ден пред да биде официјално обвинет за убиство од трет степен на Џорџ Флојд.
Според поднесеното барање за развод, бракот бил „неповратно уништен“ и немало шанса за подобрување. Парот инаку бил во брак речиси 10 години, од 2010.
Кели Шовин во молбата, меѓу неколкуте барања, навела и дека сака да го смени презимето. Во документите не е наведено кое презиме ќе го користи по разводот, но претходно била заведена како Кели Тао и Кели Жионг.
Таа ги побарала и двете куќи, една во Оукдејл, Минесота и друга во Виндермер, Флорида, како и еднаква поделба на возилата кои ги имаат и сметките во банка, но навела дека нема да бара алиментација со оглед на тоа дека самостојно заработува, стои во документот.
A. H. C.