– Денес побарав од Главниот кризен штаб во Владата да донесе акт со кој во текот на наведениот викенд ЦЕЛОСНО ќе го забрани работењето на сите фабрики од текстилната индустрија и кожарската индустрија (каде што има голема концентрација на луѓе) и воедно ќе забрани издавање на секакви дозволи за работа со кои се изигруваат воведените мерки, пишува градоначалникот од Штип, Благој Бочварски.
Тој додава дека пред малку го добил актот кој гласи: Главниот штаб при Владата го прифати барањето за забрана за работа доставено од Општина Штип, а со ова се забранува издавање на дозволи за време на викенд за фабриките од текстилната и кожарската индустрија на подрачје на Општина Штип, односно сите да останат затворени.
„Со ова веќе официјално се забранува работа во текот на овој викенд за сите текстилните фабрики. За оваа одлука веќе се информирани инспекторатите, најстрого ќе бидат казнети сите кои ќе ги повикаат луѓето на работа.
Наредните три дена единствено до текстилните фабрики ќе бидат транспортирани лица за кои е креиран упат од доктор за тестирање и веднаш потоа ќе бидат вратени дома. Утре ќе бидат тестирани 200 вработени, а сабота и недела уште 230.
Во моменти на целосено затварање за градот и забрана за движење во претстојниот продолжен викенд за сите граѓани, НЕДОЗВОЛИВО е во текстилната и кожарската индустрија да се работи, токму таму каде што во моментот имаме поголем број случи на заразени граѓани.
Сметам дека во овој момент треба сите да бидеме на ниво на задачата која ни ја носи ова време вклучувајќи ги институциите, граѓаните и стопанствениците со цел да спречиме состојбата со КОВИД-19 да излезе од контрола. Кога велам на ниво на задачата мислам над личните и партиски интереси, над интересите на стопанствениците. Во овој момент секој, ама буквално секој треба да се откаже од нешто за интересот на сите.“, напиша на Фејсбук Благој Бочварски.