„Јас би ги стимулирал сите што можат да го напуштат Скопје и другите поголеми градови, ако немаат работа тука, а имаат можност да отидат во селата или по планините, каде што имаат куќи и викендички. Мојата стратегија уште од стартот беше луѓето да излезат надвор од градовите“, изјави докторот Никола Пановски во вечерашното издание на „Топ тема“.
Тој дополнува дека таквите лица, покрај што ќе имаат добар имунитет, ситуацијата во градовите нема да влијае врз нив, односно ќе бидат психолошки ослободени.
Според Пановски, за бројките во последниот период, има влијание тоа што сигурно имало околу 2000-3000 настани со по 30 луѓе кои со часови седеле многу блиску.
„Ова се случувало во месец мај и тие седеле еден до друг. Во тие 2000 настани, во 50 од нив барем имало некој што ја пренел болеста, што сигурно имал и некакви симптоми, како кашлица или кивавица“, посочува докторот.