На Клиниката за радиотерапија и онкологија се случил скандал во кој медицинска сестра која работела во дневната амбуланта, каде пациентите добиваат терапија, била фатена како краде цитостатик. Случајот е пријавен во полиција и отворена е истрага, објави Слободен печат.
Настанот се случил пред една недела. Медицинската сестра од дневната болница сакала да изнесе цитостатик кој бил наменет за некои од пациентите кои требало тој ден да примат терапија. Тој тип на цитостатикот се користи за лекување на пациенти со различни видови на малигни заболувања, меѓу кои и рак на гради.
-Ако цитостатикот бил украден тогаш сериозно прашање е што ќе му било дадено на пациентот, бидејќи терапијата се дава точно за одреден пациент со име и презиме. Прашање е и дали ова е прв пат или веќе се случувало до сега, ако веќе има информации дека лековите кои се краделе од тука се продавале на Косово – велат вработени на оваа клиника за Слободен печат.
Од Министерството завнатрешни работи го потврдуваат настанот.
-На 02.06.2020 година во Полициската станица Центар било пријавено дека во ЈЗУ Универзитетската Клиника за Радиотерапија и Онкологија од страна на лице вработено на клиниката било извршено кривично дело „кражба во обид“ на разни ампули. СВР Скопје презема мерки за целосно расчистување на случајот – велат од МВР.
За настанот од Клиниката за онкологија и Министерството за здравство даваат заедничко соопштение во кое се вели дека се преземени сите мерки за расчистување на случајот.