Крај на учебната година за основците и средношколците, но оваа година крајот не беше одбележан од последното училишно ѕвонче и детскиот џагор во училишните дворови. Коранавирусот го затвори македонските образовни установи и последните три месеци дечата учеа онлајн. Заврши една сосема поинаква учебна година. Неизвесна, чудна и стресна, за учениците, наставниците и родителите.
Помалите најпрво се радуваа што нема да одат на училиште, но набргу почнаа да им недостасуваат дружбите во училиштата и наставниците.
„Од почетокот ми беше супер дека сум дома. Играв игри на компјутер, игравме и со брат ми. Наставничката ни предаваше на компјутер и ми беше малку чудно, ама се навикнав. Мајка ми татко ми кажаа за вирусот и дека мора да биде вака. Ама набругу почнаа да ми фалат другарите и другарките, сакав пак да одам на училиште“, вели третодделенецот Марко за Фронтлајн.
И првоодделенецот Огнен не му се радува на распустот многу, ги слушнал родителите дека ова лето нема да одат на одмор.
„Досадно ми е. Сакам да сум дома, ама сакам и да ја видам учителката, другарчињата. Сакам кога учителката ни покажува математика, многу убаво објаснува“, вели Огнен.
И за неговите родители периодов беше стресен и полн со предизвици. Тие велат дека е тешко затоа што не се стручни и обучени едукатори и предавачи, а според нив, образованието е клучно за развојот на децата.
Ковид 19 кризата ги исправи пред предизвици и наставниците. Наишле на пречки, но ги совладале. Работеле на Skype, Zoom, Viber, но секако им е подрага директна интеракција, лице в лице.
„Наставник сум по англиски јазик и предавам во помалите одделенија. Моменталната ситуација направи да останеме дома и да пробаме останатите наставните содржини да ги обработиме онлајн. Со помалите деца во првиот месец беше потешко зошто тие се научени да имаме интеракција лице в лице. Иако децата го сакаат многу англискиот јазик и некако им е близок зошто постојано го слушаат, наидовме на пречки што мислам дека е и нормално, но мислам дека ги совладавме. Сепак во Македонија сѐ уште треба да се работи на оваа проблематика.
Децата користат компјутери и мобилни, но повеќе служат за рекреација отколку за учење. Јас како наставник сум секогаш за развивање на технологијата и би сакала да се применува почесто. Нормалано за ова треба да се создадат и уште подобри услови.
Морам да признаам дека ми недостига интеракцијата со децата, тоа не може да го замени ниту една компјутерска програм. Може да кажам дека до апликацијата Zoоm се адаптиравме брзо.
Родителите беа исто огромна поддршка, максимално ги следеа упатствата. Учењето онлајн има свои недостатоци и предности, но во оваа ситуација беше единствена можност децата да ја продолжат наставата. Се надевам дека набрзо ќе можеме повторно да се дружиме во училниците.
Сигурна сум дека и на децата веќе им недостигаат другарите од училиште“, вели за Фронтлајн, Викторија Кузмановска, наставничка по англиски јазик во основно училиште во Скопје.
Наставничка од друго основно училиште пак ги нагласи недостадоците во спроведувањето на наставата на далечина, или од незаинтересираност на учениците или заради недостаток на соодветна технологија.
„Првично во онлајн наставата не ми се допадна тоа што немаше конкретизирано од Министерството за образование начинот на применување на онлајн наставата, да биде унифицирано за сите наставници подеднакво, па сите се најдоа во ситуација каде што треба да си го бираат средството на комуникација со учениците.
Истото и на учениците им дојде доста тешко, па според изборот на наставникот требаа последователно да симнат и да следат повеќе различни платформи и апликации како: Zoom, Google Classroom, Вибер, Messenger, групи на фејсбук и слично.
Јас лично ја избрав Zoom платформата како начин на комуникација со учениците и со оглед на тоа што сум помлад наставик не се соочив со проблем при користењето на оваа платформа или пак со давањето насоки на учениците како да ја симнат и употребуваат апликацијата, што дека не е случај и со повозрасните колеги, па затоа како уште еден пропуст на министерството за образовании би го издволила тоа што требаше да има обука во неколку часа за начинот на употреба на една од овие платформи.
Понатака исто би кажала дека учениците половично се приклучуваа на Zoom часовите (од 100 % само 70), едната причина е дека немаа желба, а имаат можност, додека имаше и доста такви кои немаа интернет или пак соодветен телефон или компјутер што никако не се реши за 3 месеци“, вели наставничката за Фронтлајн.
Коронавирусот затвори многу училишта ширум светот, а таква одлука донесе и Македонската влада на 10 март донесе одлука да се прекине образовниот процес во процес, градинките, основните и средните училишта и факултетите,
„Да се прекине образовниот процес, градинките, основните и средните училишта во следните 14 денови; Да се ослободат вработените од работните обврски во овие институции; За еден родител до 10 годишна возраст на децата ќе се дозволи отсуство од работа кое ќе биде целосно платено во сите јавни и приватни институции;
Се забрануваат масови собири и настани во отворен и затворен простор со над 1.000 посетители на територијата на целата земја а се препорачува да се откажат или неорганизираат и настаните и под оваа бројка. Се забранува одржување на спортски натпревари со публика во периодот од следните 30 дена на територијата на целата држава; Се воведува задолжителна самоизолација за сите кои доаѓаат од средно и високоризичните држави“, изјави Филипче на прес конференцијата на 10 март.
Колку беше успешно спроведена онлајн наставата и колку научија децата ќе покаже времето. Засега останува надежта од септември сè да биде „како порано“ и учениците и наставниците да се вратат во училишните клупи.
А.Н. Стојчевски/ И.Т. Зафировска