Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, заедно со градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски, извршија увид во градежните активности на затворениот пливачки базен во училишниот двор на ООУ „Невена Георгиева-Дуња“, како и на трим-патеката во оваа скопска општина.
Базенот е дел од проектот „Изградба на 14 пливачки базени” на Агенцијата за млади и спорт, кој опфаќа изградба на затворени базени во 14 општини според сите современи стандарди, а претставува еден од најголемите капитални проекти во спортската инфраструктура.
Изградбата на базенот ќе отвори нова можност за младите од оваа скопска општина да создаваат здрави навики преку рекреативно и професионално практикување на пливањето и останатите водени спортови.
Базенот, кој го гради Агенцијата за млади и спорт ќе биде со широчина на корито 8,9 метри, должина 25 метри и длабочина од 0,8 до 1,2 метри, вели градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски.
Со проширувањето и целосната реконструкција на трим-патеката во должина од повеќе од два километри, можностите за практикување на различни спортови во Кисела Вода дополнително ќе се зголемат, а патеката ќе можат да ја користат сите граѓани за трчање, пешачење и рекреација.