Новото живеалиште на фламингата во Скопската зоолошка градина кои деновиве беше отворено за јавноста, и кое допринесе нашата Зоолошка градина да застане рамо до рамо со најубавите зоолошки градини во Европа, е дело на архитектката Ивана Костовска.
Како што вели Ивана, инспирацијата ја црпела од природното опкружување на самиот вид на животните.
„Се обидував да ги маскирам носивите елементи и употребував природни материјали, како камен и дрво.
Местата за набљудување, порталот и терасата се строго дефинирани и скриени за поголема приватност на фламингата, но и за заштита од несовесни посетители кои може да им ја нарушат строгата исхрана или да ги повредат.“
Од Зоолошката градина велат дека станува збор за едно од најубавите живеалишта за овие егзотични птици во Југоисточна Европа. Опфаќа внатрешен дел (40м2) и надворешен дел (120м2), со тераса за набљудување. Живеалиштето претставува мала лагуна со многу зеленило, базен за фламингата, како и посебен дел за хранење на птиците. Целото живеалиште е правено на принцип на волиера, која е затворена во горната зона.
Функционалноста на ова живеалиште е клучна за овие егзотични и нежни птици, и со таа цел, техничкиот дел и условите се испланирани во соработка со Војо, зоонегувателот од Скопската зоолошка градина, како што вели Ивана.
Инаку, фламингата се карипски, вид на американско фламинго кое е најголемо и најрозево. На број се 15, сите се млади и сè уште го немаат добиено розевиот пигмент, кој ќе го добијат со правилна исхрана составена од специјален вид на ракчиња кои се увезуваат од Германија.
Ивана е и главниот архитект на идејниот проект и за новото живеалиште на пингвините, кое се наоѓа веднаш до живеалиштето на фламингата и кое сè уште e во изработка, а се планира да биде отворено во текот на летото. И двете живеалишта се финансирани од град Скопје.
И. Ежова