Во Словенија од денеска, под строги правила и превентивни мерки, се отворени сите плажи долж крајбрежјето, јави дописникот на МИА од Љубљана.
Националниот институт за јавно здравје објави дека поради спречување на ширењето на коронавирусот на плажите растојанието меѓу луѓето не смее да биде помало од 1,5 метар, додека во вода тоа мора да биде два метра. Исто така во вода не смее да има групирање на луѓе, повеќе од двајца доколку тие не се дел од исто семејство или домаќинство.
Дополнително операторите на плажите мораат да се грижат за редот, а капацитетот на капалиштата да биде во согласност со препораките на институтот.
Доколку гостите сакаат да одат во тоалет, тоа мораат да го прават исклучиво носејќи заштитни маски, а внатрешните делови на угостителските објекти на плажите ќе мораат редовно и целосно да се дезинфицираат.
Словенечките власти објавија дека набрзо ќе бидат отворени и поголем дел од хотелите и сместувачките капацитети.
Влада на Словенија одлучи од денеска во земјата да бидат дозволени и сите меѓународни спортски натпревари и тоа со присуство на публика.
Портпаролот на Владата, Јелко Кацин, на редовната прес конференција изјави дека и покрај тоа што спортските натпревари ќе се одржуваат со навивачи, сепак, делегатите ќе мораат да се осигураат дека се почитуваат сите препораки на Националниот институт за јавно здравје со цел спречување ширењето на коронавирусот.
И покрај ваквата одлука, со која на стадионите ќе се врати публиката, претседателот на Фудбалскиот сојуз на Словенија Раденко Мијативиќ изјави дека финалето на купот, што е закажано за 24 јуни, сепак, ќе се одигра без гледачи.