Евтиниот и широко достапен лек наречен дексаметазон може да помогне да се спасат животите на пациентите кои се сериозно болни од коронавирусот, јави денеска Би-Би-Си.
Дексаметазонот не им помага на луѓето кои имаа мали симптоми на коронавирус, односно на заболени на кои не им е потребна кислородна поддршка за да дишат, па затоа луѓето никако не смеат да го земаат лекот на „своја рака“, нагласуваат експертите.
Експерти од Велика Британија велат дека лекувањето со мала доза на стероидот е голем успех во борбата против смртоносниот вирус.
WATCH: Delighted to announce the first successful clinical trial for a life-saving #coronavirus treatment- reducing mortality by up to a third & further protecting our NHS
This global first exemplifies the power of science- huge thanks to the team, @oxforduni & Jonathan Van-Tam pic.twitter.com/654oPIsT8t
— Matt Hancock (@MattHancock) June 16, 2020
Тој го намалил ризикот од смрт кај третина од пациентите на респиратори. Кај оние на кислородна поддршка, ги намалил смртните случаи за една петтина.
Лекот е дел од најголемото тестирање во светот со кое се испитува дали веќе постоечките начини на лекување помагаат и кај коронавирусот.
Истражувачите проценуваат дека ако лекот беше достапен во Велика Британија од почетокот на пандемијата на коронавирусот, можеле да се спасат до 5.000 животи. Со оглед на тоа што е евтин, може да биде од голема корист во сиромашните земји кои се борат со голем број на пациенти со Ковид-19.
Околу 19 од 20 пациенти кои биле заразени со коронавирусот закрепнуваат без да доаѓаат во болница. Од оние што се примени во болница, повеќето исто така закрепнуваат, но на некои може да им треба кислород или механичка вентилација. Ова се пациенти со висок ризик кај кои се чини дека дексаметазонот помага, информира Би-Би-Си.
Лекот веќе се користи за да се намали воспаление кај низа други состојби, и се чини дека помага за да се запрат дел од оштетувањата што можат да се појават кога имунолошкиот систем на организмот претерано реагира додека се обидува да се бори против коронавирусот.
Претерана реакција на телото се нарекува цитокинска бура и може да биде смртоносна.
Во истражувањето, предводено од тим од универзитетот Оксфорд, околу 2.000 болнички пациенти добиле дексаметазон и биле споредувани со речиси 4.000 кои не го добиле лекот.
За пациентите на респиратор лекот го намалил ризикот од смрт од 40 на 28 проценти. За пациенти на кои им бил потребен кислород, тој го намали ризикот од смрт од 25 на 20 проценти.
– Ова досега е единствениот лек што се покажа дека ја намалува смртноста и тоа значително ја намалува. Тоа е огромен напредок, изјави за Би-Би-Си шефот на истражувачкиот тим, професорот Питер Хорби.
Главниот истражувач, професор Мартин Ландреј, вели дека наодите сугерираат оти на секои осум пациенти на кои им требаат респиратори, би можел да се спаси еден живот.
Кај пациентите на кислород, може да се спаси еден живот на секои 20 до 25 ако се третираат со лекот, вели професорот.
Ј. Ѓ.