Потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зеќири и неговата сопруга Бисера за Дојче веле раскажуваат за битката со коронавирусот, тешките моменти низ кои минувале и последиците кои болеста ги оставила врз нив и тримесечната ќерка.
Последиците од коронавирусот ќе ги лекуваме уште долго, велат Мухамед и Бисера Зеќири еден ден по излегувањето од Инфективната клиника во Скопје. Заедно со тримесечната ќерка Далиа, тие минаа две недели на Клиниката лекувајќи се од Ковид-19 или „гадот“ како што го нарекува Бисера. Носењето на бебето во болница беше првиот пресврт и најтешкиот момент, велат тие.
„По третиот ден од појавувањето на симптомите, Далиа крена многу висока температура. Прво мислевме дека топломерот е расипан – во таква ситуација човек е спремен да верува во сѐ, освен дека можеби сепак болеста зема неповолен тек. Се јавивме кај докторот и ни кажа дека ќе мора мајката и бебето да ги хоспитализираат. Следуваше панично пакување, па консултација со нашиот педијатар, па втора тура работи на брзина натрпани по торби – и страв. За цело време страв и ужас од она што те чека!“, вели Бисера Зеќири.
„Ни испратија Брза помош; во неа тројца маскирани во скафандери како од филмовите за ебола. Едниот само отвора врата внимавајќи по секоја цена да избегне било каков контакт со нас. Останатите остануваат внатре во кабината.
Тримесечната Далиа излегла од родилиштето токму во деновите кога во земјава беше регистриран првиот заразен со коронавирус. Инаку таа е најмладиот пациент заболен и излекуван од коронавирусот досега во земјата и во регионот. За да го заштитат бебето и себеси, сопружниците одлучиле воопшто да не го напуштаат својот дом во тој период.
Освестете се!
Од друга страна, во убаво сеќавање ќе ни останат луѓето кои ни се најдоа и уште ни помагаат за секојдневните потреби, како и илјадниците пријатели кои секојдневно се јавуваа, пишуваа, се информираа, искрено нудеа помош – дури и луѓе од кои најмалку си се надевал, или тоа си го очекувал!“, велат тие.
„И затоа повторно апелираме – освестете се, почитувајте ги мерките. Вирусот не знае за близок и далечен. Тој е насекаде. Носете маски и со блиските.
Ако имате било какви знаци, не си играјте доктори во стилот “настинка е, ќе помине”, јавете се кај матичен, предупредете ги луѓето околу вас, изолирајте се. Немојте себеси – и уште помалку други недолжни – да ги носите на душа. Не бегајте од тестирања, не кријте контакти.
Не е срамота да се биде болен; срамота е да се лаже за болест и да се ставаат луѓе во опасност!”