Екипите на Град Скопје денеска почнаа акција за чистење и уредување на северната страна од кејот на Вардар, на потегот од реката Лепенец до Аеродром.
Во текот на наредниот месец на терен ќе работат екипите на јавните градски претпријатија „Комунална хигиена“, „Паркови и зеленило“, „Водовод и канализација“ и „Улици и патишта“. Тие прво ќе го исчистат потегот, а онаму каде што е потребно ќе ги обноват патеките, ќе го уредат зеленилото и ќе го заменат осветлувањето. Во акцијата ќе се вклучи и УНДП преку имплементација на проект за поставување урбана опрема – корпи за џебен отпад.
Тој потсети дека соработката на Градот Скопје со УНДП е перманентна и се одвива на повеќе нивоа и во повеќе проекти – еден од нив е и зелениот покрив на Градскиот трговски центар кој што стана омилено катче на граѓаните.
– Таа соработка ќе ја прошириме и ќе ја продлабочиме зашто од неа излегуваат квалитетни проекти и за граѓаните и за самиот град – нагласи Шилегов.
– Оваа страна од регулираното корито на реката Вардар беше чудно запоставена и токму поради таа запоставеност во последниве две и пол години во неколку наврати тука имавме акции за расчистување мини депонии. Сега, левата страна на коритото целосно ќе ја уредиме за граѓаните да ја користат како што ја користат десната страна, односно ќе ја изедначиме и по квалитет на инфраструктурата и според можностите што се нудат на граѓаните.
Истовремено ќе го засилиме инспекцискиот надзор. Ова го работиме заедно со УНДП, кои помагаат со поставување урбана опрема – корпи за џебен отпад кои недостасуваат од оваа страна на реката. Целта е скопјани да добијат нов, добро уреден јавен простор. Отвораме нови јавни простори за нашите сограѓани, зашто токму заради пандемијата од вирусот Ковид-19 се препорачува на граѓаните на безбеден начин да го користат јавниот простор – рече градоначалникот Петре Шилегов, на почетокот на акцијата за чистење.