Претседателот на СДСМ, Зоран Заев денес од преспанското село Љубојно соопшти дека училиштето „Димитар Влахов“ во тоа село било едно од првите каде наставен јазик бил македонскиот ќе биде обновено по цели 76 години и ќе стане Центар за промоција на македонскиот јазик.
Kако што бев горд минатата година, кога ја предводев Владата на Република Северна Македонија што го востанови 5 мај како Ден на македонскиот јазик, така бев горд и денес на прекрасниот настан во Љубојно, како поддржувач на иницијативата за основање на Центар за промоција на македонскиот јазик.
Македонскиот јазик е нашето минато, нашата сегашност и нашата иднина.
Сѐ додека постојат Македонци кои чекорат по оваа наша земја и по други земји од светот, ќе постои македонскиот јазик. Сѐ додека постои македонскиот јазик ќе постојат и Македонците.
Македонскиот јазик, тоа е мојот јазик, јазикот со кој сум растел и сум се школувал, јазикот со кој ќе продолжам да живеам. Тоа е јазикот на моите родители, јазикот на мојата мајка, која како учителка на тој јазик образувала и воспитувала генерации и генерации ученици. Тоа е јазикот на моите деца, на сите македонски деца, на нивните мајки и татковци, на нивните баби и дедовци, без разлика дали живеат во својата татковина или на кој било дел од светските меридијани. Тоа е јазикот на кој се напишани личните документи, свидетелства и дипломи.
Наша одговорност и света должност беше да го зачуваме нашиот идентитет. И не само што го зачувавме, туку го потврдивме и зајакнавме.
Еднаш засекогаш Македонците и македонскиот јазик се впишаа во ризницата на светските народи и јазици, и никој повеќе нема дилеми, никој повеќе не го оспорува тоа, напиша Заев во пост на Фејсбук.
А. Н. С.