Претседателот на техничката Влада, Оливер Спасовски објави пост на Фејсбук по повод Меѓународниот ден на јавниот сервис на Обединетите Нации. Спасовски потенцира дека пандемијата од коронавирусот ја истакна потребата од силни јавни служби и мотивирани службеници со кои се создаваат услови за подобрување на испораката на обврските кон граѓаните.
Оваа година, Меѓународниот ден на јавниот сервис од календарот на Обединетите Нации, го одбележуваме во екот на пандемијата од КОВИД-19, кога до најсилен израз се покажа потребата од структурно организирани силни јавни служби, и стручни и мотивирани јавни службеници во испорачувањето на квалитетни услуги кон граѓаните како врвен и единствен приоритет.
Ветивме и спроведовме реформи за стручен јавен сервис кој обезбедува квалитетни и навремени услуги за граѓаните.
Ги зголемивме платите во сите сектори во јавниот сервис. Со повисоките плати во здравството, во образованието и предучилишната грижа и воспитување, во системот на социјалната заштита, во сферата на јавната безбедност и заштита со подобрување на стандардот на полицијата и пожарникарите, во армијата, создадовме и услови за усовршување и напредок во службата за поголема мотивираност во испораката на обврските кон граѓаните.
Градењето на сервисен систем на јавни услуги, на една ефикасна и пријателска јавна администрација, која во центарот на своето внимание секогаш го има граѓанинот, е една од најважните мотивации за оваа Влада, и таа определба останува трајна и во иднина, напиша Спасовски по повод денот на јавниот сервис.
А. Н. С.