Премиерот Оливер Спасовски и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески денеска извршија увид во градежните работи на рехабилитацијата на државниот пат А2, делница Куманово-Страцин.
Спасовски истакна дека во целиот источен и југоисточен регион на нашата земја е во тек интензивна градежна офанзива.
„Во целиот источен и југоисточен регион на нашата земја е во тек интензивна градежна офанзива. Завчера бевме во Крива Паланка, а претходниот ден во Валандово за да ги охрабриме изведувачите на голем број инфраструктурни проекти да продолжат со исто темпо и да ги испочитуваат роковите за исполнување на обврските и да се завршат експресните патишта, регионалните, локалните, да финишираат работите на големите системи за наводнување, канализационите мрежи – сите од огромен интерес за граѓаните бидејќи дојдоа како резултат на нивните барања. И денеска сме тука со истата намера“, истакна премиерот Спасовски.
Тој потенцираше дека сите проекти се реализираат според планот и дека ќе бидат завршени во утврдените рокови.
„Овде се работи на делницата од Куманово до Страцин, долга 16,6 километри. Се рехабилитира комплетната коловозна конструкција со асфалтирање во два слоја и се изведува санација на 3 моста и 10 плочести пропусти. Се гради заштита на косини со армирано бетонски и габионски ѕидови и се поставува заштитна мрежа заради безбедност. Долж делницата се реновираат и градат 7 паркиралишта и 8 автобуски станици и се изведуваат работи за комплетна обнова на хоризонталната и вертикалната сигнализација по целата траса, како и електричното осветлување на патот што поминува низ населеното место Страцин“, информираше премиерот Спасовски.
Тој објасни дека и во услови на пандемија градиме по план, современа инфраструктура за современа држава, а градежната офанзива не запира.
„Денес, инвестициите во инфраструктурата, во патиштата се инвестиции за подобрата поврзаност на локалните заедници со големите економски центри. Тоа се инвестиции за можности за новата развојна македонска економија. Ги прошируваме капацитетите на меѓународните коридори за да ја подобриме економијата, се проширува патната и граничната инфраструктура на клучните премини Ќафасан и Деве Баир. Тоа е современа инфраструктура за современа економија. Градиме за да ни се развиваат селата подеднакво како и градовите, градиме за секое населено место да е подобро поврзано со останатите. Градиме за да обезбедиме силен локален економски развој, особено во овој дел на земјата кој еден подолг период беше запоставен“, истакна премиерот Спасовски.
Тој прецизираше дека оваа Влада наследи хаос со неплански и недомаќински планови за патишта, што непотребно креирало дополнителни трошоци за санирање на штетите, но тоа не ја обесхрабрило Владата.
„Напротив, во последните три години со спротивен пристап, со домаќински, чесен и одговорен, европски однос инвестираме во најнеопходните работи за современа држава – инфраструктура за сите, во сѐ она што е важно за граѓаните и државата. Денес Владата предводена од СДСМ интензивно вложува во Куманово и со тоа ја исправа долгогодишната неправда што со години му беше нанесувана на овој град. Рехабилитирани патишта во должина од 112 км и тоа: Куманово-Опае, Куманово – Никуштак, Куманово – Свети Николе, Младо Нагоричане – Пелинце, Куманово – Страцин и Ропалце – Матејче – Липково. Овие регионални патишта околу Куманово никој не ги реконструирал повеќе од 40 години“, потенцираше на крај премиерот Спасовски.