На увид во градежните работи на рехабилитацијата на државниот пат А2, делница Куманово-Страцин, денеска беа министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и премиерот Спасовски.
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески во својата изјава истакна дека на Коридор 8 се работи на комплетно нова патна мрежа, преку изградба на нови и реконструкција на постоечките патишта.
„Ова е делницата Куманово – Страцин, делот што во моментов го рехабилитираме e во вредност од 7,2 милиони евра, средства од Буџетот на ЈПДП, а во меѓувреме тече тендерска постапка за рехабилитација на дополнителни 15 километри со средства од ИПА програмата. Значи само за рехабилитација на регионалниот пат Куманово-Страцин инвестираме преку 14 милиони евра“, потенцираше министерот Сугарески.
Тој објасни дека модернизацијата на Коридор 8 е од клучно значење како за регионално поврзување и зголемена соработка на нашата земја со соседна Бугарија, така и за унапредување на транспортот, брз и безбеден превоз на стоки и патници и генерално создавање услови за зголемена конкурентност и развој на регионот и економски раст на државата.
„Во таа насока, Владата предводена од СДСМ инвестира преку една милијарда евра за нова и модерна инфраструктура во државата. Завршивме преку 800 километри патна мрежа, а само во моментов градиме и рехабилитираме преку 400 километри патишта. За изградба и рехабилитација на патниот Коридор 8 во овој момент инвестираме околу 90 милиони евра“, објасни министерот Сугарески.
Тој потсети дека покрај рехабилитацијата на регионалниот пат Куманово–Страцин, се рехабилитира и постоечкиот пат Ранковце – Крива Паланка, се реконструира и се гради трета лента на патниот правец Крива Паланка – граничен премин Деве Баир, а во меѓувреме се гради нов експресен пат од Ранковце до Крива Паланка.
„Со овие проекти го стимулираме градежниот сектор и приватните бизниси и овозможуваме поволни услови за нови инвестиции и отворање на нови работни места. Накратко, исполнуваме сè она што ветивме пред граѓаните. Нашите заложби за модернизација на целокупната инфраструктура во државата се видливи, насекаде се работи со силно темпо и како никогаш досега се инвестира во изградба на патната мрежа.
Да создадеме просперитетна, економски стабилна и европска земја е наш врвен приоритет и продолжуваме неуморно да работиме за подобар живот на сите граѓани“, финализираше министерот Сугарески.