Од денеска целосно се отвораат сите гранични премини во државата со што македонските државјани и странците ќе можат непречено да се движат без обврска за ПЦР-тест и државен карантин. Одлуката ја донесе Владата во вторникот врз основа на препораките на Комисијата за заразни болести. Владата на истата седница донесе одлука од 1 јули да бидат отворени за сообраќај и Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.
Останува обврската за почитување на препораките за носење лична заштитна опрема, држење дистанца и честа дезинфекција.
Според здравствените власти, отворањето на границите не претставува значаен ризик за зголемување на бројот на новодијагностицирани случаи затоа што локалната трансмисија е најголемиот ризик,.Оценката е дека отворањето на границите со почитување на превентивните мерки (воспоставената контрола на аеродромите и начинот на анкетирање на патници на влез во државата) го сведува на минимум ризикот за зголемување на бројот на дијагностицирани пациенти.
Во пресрет на отворањето на границите, на барање на Главниот координативен кризен штаб, Државниот санитарен и здравствен инспекторат синоќа донесе одлука со која се поништуваат сите дејствија по решенијата за периодот од 13 до 25 јуни годинава за лицата под здравствен надзор и домашна изолација и лицата во државен карантин кои влегле во Република Северна Македонија со негативен ПЦР тест на КОВИД-19 .