Поранешната обвинителка на СЈО, Фатиме Фетаи рече дека борбата продолжува со новиот закон за Јавно Обвинителство, а во тоа сега се вклучуват сите обвинители.
Новите одредби се нова законска рамка што им дава и можности на обвинителите за заедничка борба против криминалот и корупцијата. Начините за нивно користење зависат од обвинителите, истакна Фетаи по денешно рочиште на Монструм.
Со слична порака денеска кога на сила стапи новиот закон за ЈО, се изјасни и обвинителката Ленче Ристоска. И таа напиша на Фејсбук дека борбата за правда продолжува и дека тоа бил нејзин идеал од првите денови во СЈО.
Специјалното Јавно Обвинителство за мене беше симбол на борба за идеали, за борба за правда, за интегритет, за подобра иднина, за борба против злоупотреби на системот, на послабите, на зависните, борба против неказнивост. Начинот на кој згасна СЈО, начинот на кој никој не најде храброст да каже дека се укинува институцијата, мислам дека не заслужува коментар, затоа што борбата за правда е вистинска само кога е плод на внатрешен порив за одговорност, првенствено лична, па потоа на сите кои грешеле пред законите, порив за нетолеранција на неказнивост, порив за принципиелно и однесување со интегритет, напиша Ристоска на Фејсбук.
А. Зеќири