Лидерите на владејачката СДСМ Зоран Заев и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во првото телевизиско соочување во изборната кампања побараа поддршка од граѓаните, првиот а да се продлолжи по вистинскиот пат, а вториот за да се поддржи чесност и исполнување на ветувањата.
-Изборите на 15 јули навистина ќе определат дали ќе продолжиме по вистинскиот пат во услови во кои што заедно јас, СДСМ, коалцијата и вие пред се граѓаните докажавме дека можеме. Можеме да ги решиме големите историски прашања за нашата земја и таа да продолжи да оди напред, да биде интегрирана, да биде членка на НАТО, да почне преговори со ЕУ, порача Заев во обраќање до гласачите во дуелот на ТВ 24 со опозицискиот лидер Христијан Мицкоски.
Докажавме, наведе Заев, дека во услови на решавање на најголемите крупни прашања ја кренавме економијата од депресија, комплетна рецесија, -1,8 проценти, комплетно во раст и развој со 3,6 проценти. Докажавме дека има пари за повисоки плати и за повисоки пензии.
Во следниот период ќе има уште поголеми плати, уште повисоки пензии, доволно работни места, квалитетни работни места за граѓаните, за да може да ги привлечеме овде да одтанат сите и млади и повозрасни, зашто тоа е нашата Македонија, тоа е нашата иднина, дома да бидеме продуктивни, порача Заев.
Апелира до граѓаните да гласаат за бројот 3 и за коалцијата Можеме за да, нагласи, продолжиме по вистинскиот пат, по правиот единствениот пат, кој гарантира извесна иднина.
Според Мицкоски, претстојните избори ќе одлучат, како што рече, за иднината на нашата на вашата Македонија, а неговата коалиција е победничка.