Oпштините- корисници на изворот „Студенчица“ ова лето ќе имаат непречено водоснабдување, проценуваат од Републичкото Јавно претпријатие за водоснабдување „Студенчица“.
-Немаме никакви проблеми со водоснабдувањето досега. Напротив, цело лето дополнителни 135 литри вода во секунда од ТЕЦ Осломеј ќе бидат пренаменети за другите општини кои што се дел од оваа водоводна мрежа, велат надлежните од ова ЈПВ „Студенчица“.
Од овој извор се снабдуваат Кичево, помалите општини Пласница, Македонски Брод, Долнени, Крушево, ТЕЦ Осломеј и Прилеп. Дарежливоста на изворот е 1000 литри во секунда, според системот Скада, од кои 356 литри одат на Барбарас, 195 литри во Општина Кичево, 247 доаѓаат за Прилеп, 13,5 литри во Општина Македонски Брод. Во Општина Крушево одат 35 литри вода во секунди, коишто се собираат во резервоарот во текот на ноќта, за да може да се обезбеди граѓаните на Општина Крушево да имаат непречено водоснабдување. Додека во Општина Пласница одат преку 35 литри во секунда.
Скада системот, според директорот Урим Ахмеди овозможува целосен надзор врз секој литар вода, со што според него се спречени кражбите на вода по селата. Тој посочи дека водоснабдувањето ќе продолжи да се одвива непречено во текот на летото, зашто сите јавни претпријатие одговорно стопанисуваат со водата.
К. Ѓ.