Независната пратеничка група во досегашниот парламент денеска го обвини претседателот на ВМРО-ДПМНЕ дека правел сѐ, да кочи и закони само за да штити криминал. Независните реагираат по денешната аудио „бомба“ во која Христијан Мицкоски му кажува на Зоран Милески – Кичеец дека се бори да не се усвои законот за јавно обвинителство, да падне СЈО само за да се спречи истрагата за случајот „Империја“ во кој е осомничен Орце Камчев.
„Како што изминува времето сѐ појасно е кој се борел за правда и правна држава, а кој штител криминал. Разговорите кои јавно се објавуваат меѓу Мицкоски и Милески покажуваат кој гласал во Собрание по сопствено убедување, а кој бил платен и имал лична корист за да го прави тоа. Сега ни е јасно зошто Мицкоски ни ветуваше: ‘Со мене ќе ви биде подобро’, а всушност, причината била предметот „Империја“. Очигледно е дека без срам, Мицкоски ги лажеше и нашите сопартијци на кои им велеше дека главниот интерес е да ги заштити нив од прогон. Дволичноста и лицемерието на Христијан Мицкоски сега ги слушна и јавноста“, велат независните пратеници.
Тие во соопштението нагласуваат дека одамна биле разочарани од тоа што ѝ се случува на нивната партија ВМРО-ДПМНЕ, сепак, „не очекувавме дека Мицкоски може да оди дотаму, да кочи закони за да штити криминал, со цел, финансиски бенефит. Мицкоски не обвинуваше нас дека сме зеле пари да гласаме, а тој се слуша дека само гледа личен интерес. Јавноста сега се увери дека ние одбивме да постапиме спротивно на интересите на нашата држава и нашиот народ, како што тоа го правеа други наши колеги по нарачка од Мицкоски.
Нели е срамно Мицкоски по митинзи да се фали дека ќе ја врати правдата, која всушност тој сакал да ја продаде за да му плаќаат долгови и автобуси? До кога ќе се лаже и понижува сопствениот народ за лични интереси“, велат независните пратеници.