Претставниците на програмата „Мировно образование“ при Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ, организираа конференција за новинар(к)и за да ги претстават резултатите од истражувањето на тема ,,Насилството во училиштата и меѓуетничките односи“, спроведено во девет средни училишта од Скопје, Велес, Виница, Дебар и Гостивар во ноември-декември 2019г. Истражувањето го спроведе Агенцијата за истражување на јавното мислење и маркетинг ,,БРИМА“ со поддршка на тимот на Програмата за мировно образование, а со намера да се добијат податоци за мислењето и ставовите на наставниот кадар и учениците за прашања поврзани со насилството и меѓуетничките односи во училиштата.
На прес-конференцијата зборуваа професор(к)и и соработници вклучени во Програмата за мировно образование: Ана Попризова – психолог и надворешна соработничка на Детската амбасада МЕЃАШИ; Џевит Мифтароски – професор во гимназијата ,,28 Ноември“, Дебар; Валентина Штерјовска професорка во гимназијата ,,Гостивар“, Гостивар; Насер Мифтари професор во гимназијата ,,Зеф Луш Марку“ Скопје и Драги Змијанац –претседател на Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ.
Цел на анализата е да се согледаат ефектите од имплементацијата на Програмата за мировно образование, која се спроведува во над 20 воспитно образовни установи во државата од кои повеќето се средни училишта и подразбира мрежа од над 200 наставнички и наставници вклучени во различни обуки за зајакнување на нивните капацитети, кои реализираат голем број активности во училиштата.
Се работи за 3 истражувања спроведени во период од 9 год., (2011, 2012 и 2019г.) на примерок од 400 ученици и наставници. Главна тема на истражувањето е насилството во училиштата. Во однос на социодемографската структура може да се истакне дека се опфатени претставници на сите етнички заедници во државата, примерок од рурални и урбани средини, училишта со хетероген и хомоген етнички состав, од сите видови средно образование (гимназиско и стручно) и дел од наставниците кои се вклучени во програмата за Мировно образование, а дел не се.
Цел на оваа компаративна анализа е да се согледа и влијанието на активностите вклучени во програмата врз ставовите, пристапот и третманот на насилството во училиштата од страна на наставниците кои се вклучени во програмата и кај учениците во тие училишта.
Училиштата се клучни институции/средини каде учениците од различни етнички заедници се среќаваат и комуницираат, што дава простор за системски приод, да се истражат добри практитки од училишта со хетероген состав, додека кај хомогените училишни средини е карактеристично што има ученици и наставници кои наведуваат дека никогаш не сретнале/не оствариле комуникација со ученик или наставник од друга етничка заедница. Мировното образование функционира како мрежа на наставници и нуди можност за запознавање и реализирање на заеднички активности меѓу различни училишта.
Половина од испитаните ученици и наставници (49%) истакнуваат постоење на тензии и инциденти во училиштата (со хетероген етнички состав). Она што го нуди Мировното образование е добра можност за зајакнување на капацитетите на наставниците, зголемување на сензитивноста за проблематиката, запознавање со модели за справување со насилството, а преку спроведување на активности со учениците и практична работа на оваа тема. Наставниот кадар во голем дел нема едукација на овие теми, односно недостасуваат воспитни модели. Наставниот процес премногу се фокусира на фактографија, мерење на незнаењето на податоци, што како практика се напушта во западниот свет, а многу малку со учениците се работи на ефикасна комункација, личен раст и развој, позитивна клима и сл.
Значаен е податокот дека и учениците од хомогени етнички средини пријавуваат постоење на тензии и инциденти во 40% од случаите. Што значи дека насилството е присутно и во средините без мешан етнички состав.
Пријавени се дури 22 различни видови на насилство во училиште, од кои најзастапено е навредувањето и исмевањето 88%, што укажува на негативно влијание на формирањето на општата клима во училиштата, потоа следи уништување на уч. инвентар со 84% – што може да укажува дека ученичките кои се сторители на вакви форми на однесување се „полни“ со фрустрации, кои не можат да ги манифестираат на друг начин и механизмот фрустрација – агресија се проектира на предметниот свет околу нив и го искажуваат на овој начин. Образовниот систем не развива вештини за справување со агресија, не ги учи учениците дека лутината не мора да се изрази преку демолирање на предмети.
Тепачки меѓу учениците (82%) се на трето место и нема значајна разлика во однос на состав и локација на училиштата, а најмногу се случуваат во уч. двор (60%), заради помала видливост од страна на возрасните.
Навредувањето на линија наставник – ученик и ученик – наставник е на четврто и петто место на листата. Наставниците во своите едукации не стекнуваат свесност и вештини за справување со лутина и разрешување на конфликти, кои се основа за една зрела и професионална комуникација. Од друга страна, неказнивоста, непостоењето на механизми, законски акти и притисокот врз наставниците од страна на родителите и средината, често пати ги става и наставниците во улога на жртви на учениците и образовниот систем.
Како причини за насилно однесување помеѓу учениците, најчесто се наведуваат провокациите (61%), омразата или одмаздата (60%), одбраната на другар/ка (46%), љубомората (43%), лошото друштво (43%) и самоодбрана (41%). Нема значајни разлики во однос на средината.
Како мерки за подобрување на разбирањето помеѓу учениците од различни етнички заедници учениците наведуваат: воведувањето заеднички часови, работилници, проекти и активности, додека како мерки за намалување на насилството во сите 3 истражувња се нагласува младинското учество, клубови, праламент и сл. (со над 80 % одговори).
Генерално, се забележува тренд на зголемување на прифаќањето на оправданоста на решавањето на проблемите во општеството преку насилство. Овој наод соодветствува со социјалната реалност во земјава, бидејќи последнава деценија во јавното мислење присутна е перцепцијата за неказнивост на насилствата што, од своја страна, дава порака дека нема други механизми за решавање на конфликтитие, освен со насилство.
Училиштата не се доволно препознаени од учениците како места на кои можат да побараат помош во случај на изложеност на насилство: никогаш не се обраќаат на директорот на училиштето (62%), нешто помалку на друг наставник (50%), на педагог/психолог (42%), класен раководител (34%), соученик (31%). За крај охрабрувачки податок дека над 60 % од испитаните наставници проценувата дека насилството е намалено во 2019г. во однос на 2011та и 2012та година.
Она што може да се заклучи е дека активностите во рамки на програмата на Мировно образование даваат резултати во насока на зајакнување на капацитетите на наставниците и нивна поддршка при спорведување на превентини активности за справување со насилство во училиштата, но потребно е системско решение, поддржано од одговорните структури и развивање на ефективни и функционални процедури во училиштата и во заедницата.
Детската амбасада МЕЃАШИ ја спроведува Програмата за мировно образование со поддршка на партнерската организација KURVE Wustrow од Германија и финансиска поддршка на Германското федерално министерство за економска соработка и развој.
Анализата на истражувањето може да ја најдете на следниве линкови:
http://childrensembassy.org.mk/komparativna-analiza.nspx
– на македонски јазик
http://childrensembassy.org.mk/content/pdf/ANALIZA%20al%20KOMPLETNA.pdf
– на албански јазик