Во следниот мандат, целосно сме фокусирани на новиот бран на млади, македонски претприемачи. Заедно со нив, во следните четири години ќе ја позиционираме Република Северна Македонија како стартап и технолошки хаб во регионот, истакна потпретседателот на СДСМ, Коста Петров.
Наша цел е развивање на претприемничка култура, базирана на иновации, технологии и креативност и создавање на глобален продукт, оттука од Северна Македонија.
Технологиите ќе ја имаат централната улога во новата македонска економија и токму поради тоа персоналниот данок во ИТ индустријата го намалуваме на 0% до 2023 година.
Во новата македонска економија ги мотивираме младите да започнат сопствен бизнис.
Нудиме грантови од 5.000 до 15.000 евра за отворање на сопствен бизнис и овозможуваме отворање на фирма со минимален влог од само едно евро а ги ослободуваме од плаќање фирмарина сите новосоздадени компании во првите две години.
Не застануваме тука.
Ги ослободуваме од плаќање данок сите новосоздадени компании од млади под 29 години и жени, се додека годишниот промет е под 3 милиони денари. Исто така државата ќе го враќа платениот персонален данок на сите млади под 29 години, директно на нивните сметки, во првите две години од работењето.
Практичното искуство е клучно за успех во денешниот бизнис-свет. И токму поради тоа ќе им овозможиме на сите редовни студенти да стапат во редовен работен однос, по неколку часа во денот.
Заедно со претставници од македонската стартап заедница и успешни Македонци од странство ќе формира Фонд за млади умови и регионален акцелератор за стартапи. Ќе започне со работа и првото македонско стартап село а во пет града низ републиката, во постоечки државни објекти, ќе отвориме co-working простори.
За полесно финансирање на стартапи и иновативни бизниси работиме на нов закон за бизнис ангели со кој ќе се отворат нови можности за финансирање и негување на инвестициска култура.
За подобра промоција на стартап компаниите ќе воведеме и стартап амбасадори низ светот а ќе ги отвориме и нашите амбасади за македонските стартапи кои сакаат да освојат нови пазари.
Ќе ја направиме Република Северна Македонија атрактивна и за дигиталните номади , преку воведување на онлајн стартап виза а ќе го олесниме и отворањето на компании за странци. Заеднички со нив ќе градиме претприемачка култура базирана на иновации и креативност.
Направивме многу за овие три години. Верувам во нашиот заеднички успех и верувам дека заедно ќе ја позиционираме нашата земја како стартап и технолошки хаб во регионот, рече Коста Петров, потпретседател на СДСМ.