За поздравување е улогата на Зоран Заев и СДСМ во зачленувањето во НАТО; забрането е со нас да дојде и да преговара некој со намера да отвори теми кои веќе сме ги затвориле, како што е името на државата; ВМРО сè уште треба да се реформира.
Вакви ставови вечерва изнесе лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, во емисијата “200” на Алсат М ТВ, одговарајќи на серија прашања за тоа со кого би сакал да формира влада по изборите, од што се стекнува впечаток дека и тој, како и Али Ахмети, го преферираа СДСМ пред ВМРО-ДПМНЕ.
„На 15 јули кога ќе гласаат Албанците и останатите граѓани и кога ќе ни го дадат легитимитетот нам, јас веќе не сум Зијадин Села ниту Африм Гаши е Африм Гаши. Ние сме ветувањето што сме го дале ним и легитимирањето со глас на оваа ветување со програмата ‘Држава за сите’. Така што, јас немам зошто да создавам комотни ситуација за ниеден политички субјект. Од друга страна, за поздравување е улогата на Зоран Заев и СДСМ во настаните како што е тоа што денеска сме членка на НАТО, но тука е и опасноста дека постепено и кај нив се создаваат олигарси. Олигарси беа тие што ја насочија ВМРО кон Русија. Ние ќе бидеме гаранција дека нема да се случи такво нешто, повторно некој да се ориентира натаму. Како прво, кога реков тука се програмата и идејата, забрането му е на секого да дојде и да преговара со нас со намера да отвори теми кои ние веќе сме ги затвориле“, рече Села.
Понатаму, на прашањето дали може да ги погледне во очи ВМРО-ДПМНЕ и да формира влада, по настаните од 27 април 2017 г. во Собранието, Села зборуваше дека од лични причини тој не може да им ги скратува правата на Албанците, со што не ја исклучи ниту можноста да формира влада со оваа партија. Но, во понатамошниот разговор, тој порача дека ВМРО-ДПМНЕ, сепак, треба да се реформира.