Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ја одбил поканата за ТВ гостување во рамките на предизборната кампања, а како причина во својот одговор до Канал 5 навел дека тоа е заради „презафатеност и однапред закажани обврски во кампањата“.
Од редакцијата на Канал 5 велат дека поканата беше упатена уредно, по официјален пат во средата до двајцата лидери, со целосна флексибилност за термин за снимање, како што било снимањето на интервјуто со Зоран Заев вчера (сабота, 11.07.2020) во 10 часот наутро.
Но и покрај тоа, експресно уште истиот ден Канал 5 добиле негативен одговор, без никаков обид да се најде можност за реализација на интервјуто, иако забележливо беше дека оттогаш претседателот на ВМРО-ДПМНЕ најде време за гостување на неколку телевизии, со далеку помала гледаност.
Канал 5 жали за ваквата одлука на г-дин Мицкоски, пред се поради тоа што со неа е скратена можноста граѓаните да ги слушнат неговите ставови преку најгледаната и највлијателна политичка емисија, пред да ја донесат конечната одлука на кого да му го доверат гласот.
Истовремено, се надеваме дека во иднина г-динот Мицкоски ќе покаже поголема грижа за јавниот интерес, во чиј фундамент се одговорноста, отчетноста и транспаратеноста на политичарите, а студијата и камерите на Канал 5 телевизија секогаш, како и до сега, ќе останат отворени за него и за сите останати членови на партијата ВМРО-ДПМНЕ.