Вистинито и објективно, избалансирано, правично, рамноправно, чесно и независно, професионално, со коментари јасно одвоени од информациите, толерантно, слободно и одговорно. Ова се клучните
зборови во начинот на кој медиумите треба да известуваат за изборите, сумирани од одредбите на Изборниот законик, но и од принципите на Повлебата за етичко известување за изборите на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), пренесува ЦИВИЛ.
Делот од Изборниот законик кој го дефинира однесувањето на медиумите во предизборниот процес може да биде закон сам по себе. Цели шест страници од „Глава 6 – Изборна кампања“ се однесуваат на обврските на медиумите во текот на изборната кампања, цела страница од Поимникот ги дефинира облиците на известување во кампањата, а огромен простор им е посветен и во делот на казнените одредби во Законикот.
Изборниот законик на учесниците во изборната кампања им го гарантира правото и во медиумите да имаат рамноправен пристап и под еднакви услови, и им дава можност да побараат судска заштита ако им биде повредено тоа право. Законикот ги обврзува медиумите изборите да ги покриваат „на правичен, на избалансиран и на непристрасен начин“.
Медиумите и нивните вработени не смеат да финансираат или да донираат на политички партии.
„Уредници, новинари, водители на програма и презентери, ангажирани во подготвување програми на радиодифузерите, не смеат да учествуваат во предизборни активности на политички партии, коалиции, групи избирачи и нивни претставници, односно учесници во изборна кампања. Доколку се определат да учествуваат во вакви активности, нивниот ангажман вопрограмите на радиодифузерите им мирува од денот на распишување на изборите до нивното завршување“ – стои во членот 75-в на Законикот.