Полицијата вчера упаднала во домот од мајката на претседателот на огранокот од Торонто од една политичка партија од Македонија. Тој е носител на листата во ИЕ 7 од една политичка партија, но бидејќи од дијаспората немаше пријавено доволно број на гласачи, гласање во оваа изборна единица нема да се спроведе.
„Вечерва во домот на мајка ми дошла полиција за да ме приведат…
Причина: Споделување на фејсбук објава за поништување на гласачко ливче…
Има милион работи за коишто нема да им простам, ама ќе го додадам и тоа што психички ја малтретирале мајка ми…“ пишува тој на својот Фејсбук профил
За објавен Фејсбук статус, вчера на разговор во полиција беше повикан и директорот на скопската Зоолошката градина Ѓорѓи Галетановски. Тој бил повикан да даде исказ во полиција оти на Фејсбук напишал тие што ќе ја заокружат бројката на една од партиите на гласачкото ливче да шкртнат „Северна“. Тој потоа објаснувал дека намерата му била да се шегува со опозицијата, а не да ги манипулира гласачите.
За слично дело полицијата ги барала и професорот Ѓорѓи Спасов и активистот Боби Илиевски, исвести еден портал.
„Се надевам дека ќе има доволно ТВ камери кога ќе ја давам изјавата. И да не трагаат по мене. Ги информирам дека сум таму кај што се крие Владимир Панчевски. Кога ќе го најдат него за притвор нека ме повикаат и мене за изјава“, напиша професорот Спасов на својот Фејсбук профил.
„Во случајот со ФБ и твитер објавите поврзани со гласањето на целата јавност и е јасно дека станува збор за шеговити постови во кои нема кривично дело. Токму тоа е евидентирано од страна на полициските службеници“, вчера на Фејсбук напиша дополнителната заменик-министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска, откако директорот на Зоолошка градина во Скопје беше повикан на информативен разговор во полициска станица поради објава на неговиот Фејсбук профил.
„Нема да дозволам лаги и невистини да се шират, ниту пак да се гуши слободата на било каков начин. Живееме во демократска држава во која слободата на изразување не е кривично дело. Така и ќе остане“, напиша Петровска.
Ј. Ѓорѓиоски