ДО Државната изборна комисија вчера до 19:30 часот кога истече рокот поднесени се вкупно 2.141 приговори за сумирање и утврдување на резултатите од гласањето на изборите. ДИК треба да се произнесе по приговорите во рок од 72 часа.
БРИТАНСКАТА кралица Елизабета одбележува 25.000 дена како е на престолот, или 68 години, пет месеци и 12 дена од нејзиното крунисување на 6 февруари 1952 година.
ШЕСТЕ лица заразени со Ковид-19, кои во вчерашниот извештај на Министерството за здравство се прикажани во Гевгелија, потекнуваат од подрачјето на Општина Дојран кое се покрива преку ПЕ на Центарот за јавно здравје од Гевгелија.
ДЕСЕТТИ ден по ред, во Софија и другите градови низ Бугарија синоќа се одржаа антивладини протести.
ЛИДЕРИТЕ на Франција, Германија и Италија се заканија дека ќе воведат санкции за земјите што продолжуваат да го кршат ембаргото на Обединетите нации за извоз на оружје во Либија.
ПО тринеделна потрага, турските власти соопштија дека бројот на мигранти кои настрадаа во бродоломот во езерото Ван во источна Турција се искачи на 54.
ВЕЛЕШКОТО здружение „Македонски спасител“ ова лето се уште ја нема активирано својата екипа од спасители на Првата плажа на рекреативното езеро „Младост“.
АРСЕНАЛ го победи Манчестер Сити вчера на „Вембли“ во Лондон со 2:0 во полуфиналето на ФА Купот. Двата гола за „топчиите“ ги постигна Пјер-Емерик Обамејанг.
ВРЕМЕТО денеска сончево со мала до умерена облачност, во западните делови со засилен западен ветер. Локално ќе има појава на пороен дожд и грмежи, а ќе има и услови за изолирана појава на краткотрајно невреме.
J. Ѓ.