Синот на федералната судиjка Eстер Салас е убиен, додека нејзиниот сопруг е критично ранет откако биле нападнати во својот дом од лице со пиштол облечено како возач на Федекс пошта.
Нападот се случил во домот на Естер Салас (51), судијка на Окружниот суд, назначена од поранешниот претседател на САД, Барак Обама, во Норт Брансвик, Њу Џерзи, изминатата ноќ.
Синот на Естер, Даниел Андерл (20) починал на местото на злосторот, а нејзиниот сопруг, адвокатот Марк Андерл (63) во моментов се наоѓа во болница откако се здобил со тешки повреди по истрелите.
Овој смртоносен напад се случува само неколку дека откако федералната судијка Салас беше назначена за случај поврзан со озлогласениот сексуален предатор Џефри Епстин, но засега никој не сугерира дека овој напад е поврзан со нејзината работа.
Нападот започнал околу 5 попладне кога сопругот на Естер Салас, Марк (63), ја отворил надворешната врата од семејната куќа. Тогаш бил застрелан неколкупати.
Нејзиниот син Даниел (20), студент при Католичкиот Универзитет во Вашингтон, веднаш се упатил накај вратата по вознемирувачките звуци да види што се случува, кога и тој бил застрелан, за жал, со фатален исход.
Судијката Салас минатата недела, на 15 јули презема случај кој е поврзан со озлогласениот сексуален предатор Џефри Епстин, кој минатиот август си го одзеде животот во еден од најобезбедуваните затвори на светот, на 66-годишна возраст.
Случајот со кој претседава судијката Салас вклучува тековна тужба од инвеститори на Дојче банк, кои тврдат дека компанијата издала лажни искази за политиките против перењето на пари, како и дека истата потфрлила да ги следи „ризичните“ клиенти- во овој случај сексуалниот предатор и милијардер Џефри Епстин./МИА/