Илјадници беа уапсени во насилната акција на полицијата, на антивладините протести во Белорусија. Оние демонстранти кои оттогаш се ослободени, велат дека биле мачени и тепани. Новинарите на Дојче Веле објавија разговори со тројца приведени за нивните искуства.
„Тие нè тепаа и нè прашуваа дали мислиме дека се фашисти“, изјавил за ДВ Андреј (името е променето со цел да се заштити неговиот идентитет), откако бил ослободен од центарот за притвор „Улица Окрестина“.
„Секако, ако ве тепаат, нема да кажете:„ Да, вие сте фашисти! “ Но, што си ти ако ти е работа да ги тепаш луѓето, па дури и да се забавуваш додека го правиш тоа? “

Андреј е еден од околу 2.000 од 7.000 демонстранти притворени во бруталната акција на антивладините протести, кои неодамна беа ослободени. Во четвртокот, белорускиот заменик Министер за внатрешни работи, Александар Барсуков, во центарот за притвор „Улица Окрестина“ во Минск изјави за новинарите дека сите демонстранти ќе бидат ослободени и дека немало никакви злоупотреби.
Павел Чудка, кој бил уапсен на 10 август во центарот на Минск, мисли поинаку. Тој за ДВ изјавил дека полицијата користела направа за да му даде електричен шок во близина на бубрезите додека лежел на земја:
„Не остава видливи белези, но ги чувствував потресите скоро пет минути и потоа не можев да одам.” Тој исто така објаснува дека долната вилица и грлото му биле толку згрчени, што не можел да зборува или да голта повеќе од еден ден. Со растреперени раце, тој изјавил за ДВ дека е понижен, и дека оние што го уапсиле, прашале дали му се допаѓа ова, и дали ќе се врати на улица за да протестира повторно. Потоа го довеле во притворниот центар „Улица Окрестина“, каде видел дека стотици други демонстранти се тепани и мачени. Ним им било наредено да останат во дворот, а на секои 20 минути биле принудени да одат на колена од еден ѕид на друг 20 или 30 метри.
Беше неподносливо, вели тој: “На колена два часа, со главата на земја, а рацете ставени над неа. Потоа, се обидуваш да се потпреш на ѕидот со рацете и главата”.
„Имаше 25 луѓе во ќелија со големина 10 на 10 метри“, објаснува тој. „И, исто така, имаше малолетни лица, кои за среќа први беа ослободени“.

Андреј бил уапсен недалеку од метро-станицата „Пушкинскаја“ на 11 август. Тој за ДВ изјавил дека бил ставен во комбе и му било кажано да клекне на колена, а потоа бил тепан по нозете. За полициска станица изјавил: „таму лежеа 30 луѓе со лицето туркано во асфалтот. Чуварите одеа горе-долу меѓу нив.” Тој вели дека самиот лежел на земја околу три часа.
Андреј изјавил дека иако амбулантно возило се појавило четири пати, на болничарите никогаш не им бил дозволен пристап во преполната зграда.
Сега е лошо повреден со модринки на нозете и грбот, но тој се смета себеси за еден од „среќните“: „Видов дека некои луѓе излегуваат во многу полоша состојба“.
Андреј изјавил дека тој и другите приведени во полициската станица биле принудени да потпишат претходно подготвен текст во кој се вели дека „учествувале во неовластени акции и извикувале провоцирачки пароли“. Оние што одбиле биле однесени во друга просторија и биле тепани сè додека не потпишат. Потоа биле ставени во пренатрупани ќелии, па дури и не добивале ни вода за пиење. Андреј бил одведен во притворниот центар „Улица Окрестина“ каде бил и малтретиран, пред да биде ослободен на 13 август.

Михаил, чие име исто така е променето со цел да се заштити неговиот идентитет, изјавил за ДВ дека бил уапсен и ставен во комбе со неколку демонстранти кои биле тешко повредени. Една од лекарките на кои им било дозволено да ги прегледаат повредените им се развикала на војниците велејќи им дека се животни, на што тие ѝ се заканиле да биде тивка, и да продолжи со својата работа.
Михаил бил одведен во полициската станица „Ленинсиј“ во Минск. Тој се обидел да им објаснил дека не ни учествувал во протестите.
„Бевме во сообраќаен метеж кога се појавија некои луѓе со штитови и палки“, изјавил тој. „Мислам дека тие беа специјалната војна единица. Ни рекоа да излеземе и да им ги дадеме нашите телефони, и проверуваа за да видат дали има слики или видеа од протестите“.
Тој бил уапсен откако на неговиот телефон нашле видео на кое се гледа како некој мавта со бело-црвено-бело знаме, знаме кое е симбол на опозицијата. Знамето е кратко користено од Белоруската Демократска Република во 1918 година, а потоа било усвоено од Белорусија, откако се стекна со независност од Советскиот сојуз во 1991 година. Сепак, тоа не се користи официјално од 1995 година.
„Војниците ме предупредија да молчам за да не бидам претепан“, објасни Михаил. „Но, другите во комбето беа претепани. Еден човек до мене не можеше да зборува, тој само тивко офкаше и се чинеше дека нема да може да застане на своите две нозе“.

Во полициската станица видел дека луѓето биле тепани со палки и тупаници. Меѓу приведените имало и четири жени и едно малолетно дете. Михаил изјавил за ДВ дека ја поминал ноќта надвор во дворот со лицето до ѕидот и со врзани раце. Не му беше дозволено да седне, иако чуствувал вртоглавица и не сакале да му дадат ни вода за пиење.
Еден од редарите рекол дека не треба ни да им се дава вода:
„Треба да умрат од жед!“
И.Е.