Отсега 24 август ќе биде Ден на Коби Брајант во калифорнискиот округ Оринџ, стои во текст на Њујорк Пост.
Одлуката да се прогласи ден на Коби Брајант беше едногласно донесена од Окружниот одбор во вторникот. Брајант беше еден од деветмината загинати во хеликоптерската несреќа во јануари годинава. Кошаркарот низ својата 20-годишна кариера носеше дресови со броевите 8 и 24, па затоа е одбран токму тој датум.
Ценет член на нашата заедница, Коби Брајант беше кошаркарска легенда и инспирација за многу млади луѓе да ги следат своите соништа и да не се откажуваат, изјавила претседателката на Одборот, Мишел Стил, според CNN.
Предлагам 24 август да биде посветен на сеќавањето за Коби Брајант и сѐ она што тој го придонесе за округот Оринџ, да ги охрабруваме другите да ги следат неговите примери и никогаш да не се откажуваат од своите мечти, додава Стил. „Најважната работа е да се обидеме да инспирираме луѓе да бидат успешни во она што сакаат да го прават“.
Кошаркарската легенда на Лејкерс беше со својата 13-годишна ќерка Џана и 7 други патници кога загинаа во хеликоптерска несреќа предизвикана од тешки услови за летање.
Брајант има 5 шампионски прстени со Лејкерс и 18 учества на All-Star. Двата дреса на Брајант се „пензионирани“ од Лос Анџелес Лејкерс.
Извор: New York Post.