Претседателот на СДСМ, Зоран Заев на прес конференција по средбата со лидерот на ДУИ, Али Ахмети соопшти дека имале успешна работна средба, на која е потврдена рамката за коалиција за формирање парламентарно мнозинство.
Постигнат е договор за парламентарно мнозинство за Влада со полн, четиригодишен мандат. Договорот ќе биде доставен до Централните Одбори на СДСМ и ДУИ веќе неделава, рече Заев.
Особено сум горд на постигнатиот договор во рамки на рокот, истакна Заев, нагласувајќи ја важноста на договорoт за поскоро враќање на институциите во полн капацитет во служба на граѓаните и секако, фокусирање на борбата со пандемијата.
Дел од принципите на кои се темели договореното се: Квалитетни и отчетни кадри од двете страни, кадровска рамноправност во родова смисла, зајакнување на инспекциските служби за заштита на животната средина и намалени привилегии на лица на функции.
Заев додаде и дека нема веќе да се распределуваат функции на министри без ресор, со исклучок на вицепремиерското место, како и дека ќе се укине Пржинската влада со техничките позиции пред избори. Заев соопшти и дека ќе се воведуваат измени во изборниот модел веќе за следните парламентарни избори.
Партнерите се договориле и за неселективна борба со корупцијата, прочистување на судството и намалување на администрацијата за 20%. Исто така, сите граѓани кои досега не биле распределени во државни институции и седеле дома, а го стекнале работното место преку Охридскиот договор, ќе почнат да одат на работа.
На 100 дена пред следните избори, претседателот на Владата ќе биде на предлог на ДУИ.
А. Н. С.