Новиот краток документарен филм „Сите ќе умреме“ од авторот Сашко Потер Мицевски ќе го има своето премиерно прикажување на 11-тиот фестивал на креативен документарен филм МакеДокс, на ден 23.08.2020 година (недела) во 21:00 часот, како дел од програмата ShortDox.
Овој долгоочекуван филм третира веќе познати теми на економска несигурност и индивидуалните егзистенцијални дилеми во локален, типичен балкански контекст, но преку еден по малку бизарен аспект на целокупниот општествен живот – погребалниот бизнис.
Сашко Потер Мицевски, режисер и сценарист на „Сите ќе умреме“ е познат на домашните познавачи на документарниот филм преку неговата авторска работа на документарецот „(Вон)земјанинот Ли“. Работи и на бројни домашни и странски, филмски и ТВ проекти. Во продукција на Хауском, на овој филм работеа млади, но веќе истакнати таленти од домашната филмска фела, како и автори од Велика Британија, а на продуцентската позиција се потпишува Илија Тирицовски. „Сите ќе умреме“ е поддржан од Агенција за филм на Република Северна Македонија, а се реализираше во копродукција со ОХО Продукција.