Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во изјава за медиумите по завршувањето на седницата на Централниот одбор на партијата соопшти дека одборот донел одлука да го усвои решението за коалиција со партијата ДУИ, со што се обезбедува парламентарно мнозинство и нова Влада.
Централниот одбор на СДСМ ги прифати предлозите за министри од партијата во новата Влада, а на Заев останува да предложи и заменици министри. Од осумте министри со ресор, функциите на министри за внатрешни работи, одбрана, здравство, образование, транспорт и врски, култура, правда, и труд и социјала се еднакво распределени на 4 министерки и 4 министри.
Тој потврди дека ќе биде премиер на новата Влада со полн четиригодишен мандат, што било заедничка одлука на двете партии. На 100 дена пред избори, премиерот ќе биде на предлог на ДУИ, со заедничка согласност.
Партиите веќе ги усогласуваат изборните платформи во заедничка четиригодишна владина програма.
Главниот фокус на новата Влада ќе биде на јакнење на економијата, на зголемување на платите и пензиите, на отворање нови работни места и привлекување на нови странски инвестиции. Заев рече дека не запираат и инвестициите во инфраструктурни проекти, патишта, водоводи, канализации, училишта, амбуланти итн.
Владата ќе има 19 министри и премиер, наместо досегашните 26. Бројот на ресорите е намален за 7 министри.
Во ситуација на пандемија, продолжуваат инвестициите во здравството, а владата ќе се фокусира и на заштита на животна средина преку мобилизација на сите капацитети, најави премиерот Заев.
Во рамките на надворешната политика, продолжува спроведување на сите договори со кои се гарантира безбедноста и стабилноста на државата.
Заев најави прочистување на судството и проверка на потеклото на парите на функционерите.
По најавата за следниот партиски конгрес, претседателот на СДСМ рече дека следат 4 години домашни предизвици и дека се тоа 4 години во кои како земја многу повеќе ќе добиеме, отколку што ќе дадеме, рече Заев.
А. Н. С.