Поранешниот командант на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ, неправосилно осуден за геноцид и злосторства во БиХ, изјави денеска пред судот во Хаг дека работел чесно и легално како офицер и дека обвинението против него „паднало во вода“.
– Дали е во право претходниот Совет што ме осуди на доживотен затвор? Тие не се во право. Зошто? Тие се во судир на интереси, тие не ја бранеа вистината, туку Холандија и холандскиот баталјон, рече Младиќ, алудирајќи на Сребреница, на крајот на дводневното рочиште за жалбата што ја поднесе против првостепената пресуда.
Тој рече дека Сребреница е „клучот за овој судски процес“, опишувајќи како, по падот на енклавата во јули 1995 година, муслимански војник пукал кон него и „промашил“. Како што рече, тој не возвратил, ниту дозволил обезбедувањето да го стори тоа, затоа што војникот имал елек на УНПРОФОР.
– Судбината ме донесе да ја бранам мојата држава СФРЈ, која вие западните сили ја расипавте, со помош на Ватикан и таа мафија од Германија, рече Младиќ.
Со повишен глас, тој истакна дека „Ратко Младиќ не ја започна војната, и тој не направи план за напад на Југославија“.