Предложенот вицепремиер за борба со корупцијата, Љупчо Николовски од СДСМ, на своите профили на социјалните мрежи сподели став во врска со нападите и неконструктивноста на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница во Парламентот на која започнува таканаречениот претрес за нова Влада која треба да биде позната до утре (30 август), на полноќ.
Во свечената собраниска сала во тек е расправа меѓу пратениците за новиот владин состав, а досега на говорницата збор земаа мандатарот Заев кој ја претстави програмата на Владата, а потоа за збор се јавија Игор Јанушев и Гордана Сиљановска од ДПМНЕ.
Николовски, на своите социјални мрежи пиша:
Колега Јанушев, зошто навреди, омраза, желба за поделби уште веднаш? Зар сметате дека вака одиме напред? Не е подобро да најдеме заеднички јазик и да истуркаме некои работи заедно, за добро на народот, да имаме некој национален консензус по одредени теми?
Разбирам дека ВМРО-ДПМНЕ не живее денови кои ги сака и заслужува. Знам дека сте соочени со внатрешни проблеми и превирања, но вака ли ќе се решат истите? Искрен и пријателски совет до сите колеги во опозициската партија, решете ги несаканите ситуации, фокусирајте се на тоа.
Дозволете да почнат вистински демократски процеси, нема друг начин да се оди напред. А потоа, владиниот состав и СДСМ како партија ја очекува вашата соработка, партнерство, заедништво, за да продолжиме по европскиот пат кој го трасиравме и за кој се согласуваме дека е вистинскиот
Имаме многу работа и многу предизвици пред нас. Ни треба стабилна и силна опозиција. Не ни треба хистерија, омраза и поделби. Сфатете го мојот збор пријателски, како што е наменет. Овој однос сигурно нема да ви донесе резултати, напиша Николовски на Твитер.