Во акција на МВР, Агенцијата за национална безбедност и ОЈО за гонење организиран криминал и корупција е разбиена тричлена терористичка група која дејствувала на територија на Северна Македонија, соопшти МВР. Во акцијата се приведени тројцата членови на групата и е запленето поголемо количество оружје, муниција и опрема, пренесува Радио Слободна Европа.
„Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при МВР поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против Б.А. (28) од Куманово, а кој престојува во Скопје, за сторено кривично дело „терористичка организација“, и против В. А. (22) и Е. Љ. (25), двајцата од Куманово, за сторени кривични дела „терористичка организација“ и „тероризам“, соопшти МВР.
Според соопштението на полицијата, уапсените се рецидивисти, односно повратници, лица кои претходно за сторено кривично дело „Учество во странска војска, полиција паравоени или параполициски формации“ се правосилно осудени и издржале казна затвор.
„На почетокот на 2019 година, А.Б. создал терористичка, злосторничка организација во која членуваат В.А., Е.Љ. и уште неколку лица и заедно формирале злосторничка организација „ќелија“ со основи на идеолошката матрица на познатата терористичка организација ИСИС, со намера на изведување на терористички акт на цели на територија на Република Северна Македонија. За остварување на таа намера, Членовите на групата обезбедувале финансиски средства и набавиле поголема количина на оружје, муниција и воена опрема, која ја складирале во близина на локалниот пат село Биљановце – село Пчиња, кај месноста Менкова Колиба“, соопшти МВР.