Во изминативе денови и во текот на викендот се спроведува целосна дезинфекција, дезинсекција и дератизација на сите 11 објекти на градинки во Општина Карпош, соопшти локалната самоуправа.
Сертифицирана компанија ги спроведува овие активности кои имаат за цел да овозможат уште подобри услови за безбеден прием на децата и воспитниот кадар.
Дезинфекција се прави на сите занимални, кујни, канцеларии во градинките, како и на работните површини, а истата ги отстранува сите вируси, хемикалии и штетни честички. Од друга страна, се врши и дезинсекцијата и дератизацијата кои ќе спречат појава на инсекти или глодачи, во и околу објектите на предучилишните установи.
По појавата на Ковид – 19, локалната самоуправа уште повеќе ги интензивираше овие активности и тоа по: јавните површини (улици, тротоари, платоа), урбана опрема, пред фреквентни места, влезови на згради, како и во општинските градинки и основни училишта.
Изминатиот период, во сите градинки се спроведе и темелна дезинфекција на душеците и теписите, каде што традиционално се појавуваат голем број на бактерии, вируси и микроорганизми. Исто така, се изврши замена и на старите подови и се постави ПВЦ под (линолеум), кој е поотпорен на бактерии.