Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, никогаш не ја пријавила наводната злоупотреба на нејзините лични податоци и фотографија, иако додека беше техничка министерка за труд и социјална политика, тврдеше дека профилот на мрежата „Апворк“ преку која се нуди изработка магистерски и докторски трудови за пари не е нејзин и ќе поднесе пријава во полицијата. Единствено сменето од пред скоро девет месеци е што сега профилот е ставен како „приватен“ и не може да се најде преку пребарувачите, а може да се пристапи само со линк, објави А1ОН пред неколку денови.
Во врска со Вашето барање, Ве известуваме дека Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика нема примено таква пријава, велат од МВР за „А1он“ на прашањето дали Мизрахи пријавила лажен профил со нејзините податоци на „Апворк“.
За разлика од претходно кога на профилот беше прибележано: „Отворено за понуди“, сега, нема можност да се нарача изработка на дисертација или авторски труд, чии најчести купувачи се студентите за да го заокружат процесот на студирање. Од профилот е тргната и биографијата на Мизрахи, која кандидатката за пратеничка не оспори дека е точна и нејзина.
Извор: А1ОН