Во интервју за ТВ21 , министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска изјави дека сите градинки се спремни за отпочнување со работа, проблемот со недостиг на кадар во градинките го решаваат Општините, а во случај да не можат да се справат со евентуален таков проблем МТСП е спремно да помогне на Општините со цел да се изнајде заедничко решение.
Меѓу другото, таа истакна дека приоритет при сместување на децата во градинките согласно здравствените препораки ќе имаат самохраните родители и родителите чија работа не им дозволува да работат од дома.
Министерот за здравство Венко Филипче на прес конференција го образложи Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитување на деца кој опфаќа план на активности и делувања кои се однесуваат на самата установа, на воспитно-згрижувачкиот кадар и на родителите на децата кои ќе посетуваат градинка.
Доколку дете, за време на престој во градинка, развие покачена телесна температура веднаш се изолира во посебна просторија за изолација во градинката, каде за него се грижи негувателката од неговата група, а назначеното одговорно лице од градинката веднаш го известува и повикува родителот/старателот да дојде во градинката. Истото лице стапува во контакт и со епидемиолошката служба во надлежниот центар за јавно здравје и со матичниот доктор/педијатар на детето. Во координација меѓу епидемиологот од епидемиолошката служба на надлежниот ЦЈЗ, матичниот лекар/педијатар и родителот/старателот на детето се одлучува за понатамошниот третман на детето.
Во интервјуто Шахпаска порача на родителите и на вработените во градинките да ги почитуваат мерките за спречување и превенција од вирусот и истакна дека доколку сите чекори од протоколите се почитуваат престојот на децата во градинките ќе биде безбеден.
С.М.Ж