Во периодот кој следува треба да се знае вкупниот број на дози на вакцини против Ковид 19 кои би стигнале во Македонија и кои ќе бидат наменети за овдешните граѓани. Ова го вели во изјава за Гласот на Америка министерот за здравство Венко Филипче. Постојат два механизми преку кои би можела земјава да дојде до нив. Едниот е на ЕУ, а земјите членки, согласно тој договор имале обезбедно близу 400 милиони вакцини за себе, вели министерот.
„Благодарение на Полска, која преку полскиот амбасадор, за што сакам да изразам благодарност, понуди да дел од нивните количини бидат наменети и за нашата земја. Очекуваме во следниот период да знаеме точно и за дозите колку би биле на располагање за нашата земја и за точниот начин на тоа како би стигнале кај нас“ вели министерот за здравство, Венко Филипче.
На располагање на Македонија е и механизмот Ковакс на Светската здравствена организација.
„Кој што механизам се грижи да тогаш кога ќе биде пронајдена вакцината таа биде еднакво дистрибуирана во сите земји кои ќе аплицираат да бидат дел од овој механизам, се додека не се постигне вакцинација на 20% од населението. И вториот механизам е на ЕУ. ЕУ, потпиша билатерален договор со компанијата Астра Зенека. Тоа е т.н Оксфордска вакцина. Астра Зенека е компанијата која е најблиску согласно динамиката на изведување и фазата во која се наоѓа до пронаоѓање на вакцината“ вели Филипче.
Министерот Филипче вели дека според последните информации поврзани со Оксфордската вакцина, имало параметри кои биле исполнети и кои укажувале на тоа дека вакцината е добра, а процесот на вакцинација може да биде успешен преку развивање на антитела со истата.