Со маски, антисептици, шише за повеќекратна употреба за вода за секој ученик, со одржување на потребното растојание и под здравствени правила и протоколи, но и со лице одговорно за Ковид-19 во секое училиште, денеска започнува новата учебна година во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Одделенијата и класовите ќе бидат во полн состав, односно со присуство на сите ученици, а наставата ќе започне регуларно во 8.15 часот.
За децата и учениците од четири до 18 години, односно во забавиштата и градинките за деца од четири до шест години, како и во основните и средните училишта, но и за наставниците и професорите, задолжителна е употребата на маска, која ќе биде бесплатна за сите.
На првиот час предвидено е на учениците да им бидат претставени мерките за заштита од Ковид-19 согласно упатствата од Националната организација за јавно здравје и да им се поделат маските, шишињата за вода и учебниците.
Општините и училиштата во изминатите денови интензивно работеа на подготовки за почетокот на учебната година, а некои од општините, самоиницијативно поставија плексиглас на клупите, меѓу двете столчиња, за да се заштитат учениците.
Паралелно, секое училиште ќе треба да одреди лице одговорно за Ковид-19 кое ќе биде задолжено за сомнителни или потврдени случаи на коронавирусот.
Задачата на одговорниот, кој ќе има и свој заменик, ќе биде да ги информира просветните работници и родителите за евентуалното појавување на сомнителен случај, како и за актуелните упатства од Националната организација за јавно здравје на Грција.
Доколку кај некој од учениците, додека е на училиште, се појават симптоми на коронавирусот, тогаш веднаш се известуваат родителите, а детето се изолира и се следат хигиенските правила.
Во случај тестот да е позитивен, тогаш ќе се проверат сите блиски контакти на ученикот, односно неговите соученици од одделението или класот и ќе бидат во 14 дневен карантин.
Учебната година денеска ќе почне во сите делови на Грција, со исклучок на Лезбос и Пела каде што сите училишта ќе останат затворени до среда, поради зголемен број позитивни случаи на Ковид-19 во конкретните области.