Делегацијата на Европската Унија и Здружението на преведувачи и толкувачи (ЗПРМ) по седми пат ја доделија наградата за најдобар млад преведувач „ВАВИЛОН“ по повод Европскиот ден на јазиците.
Првата награда му беше доделена на Сашо Данилов, за неговиот превод на делото „Телефонската говорница на другата страна од мостот“ од Аријане Грундис, од германски на македонски јазик и на Ардита Зулфиу за нејзиниот превод на делото „Место на чекање“ од Соња Хернандез, од шпански на албански јазик. Наградите за второ место беа доделени на Благица Димитрова, за преводот на „Господин Плата“ од Сали Руни, од англиски на македонски јазик, и на Кристина Стаменкова за нејзиниот превод на „Месечевата дама“ на Андреа де Карло, од италијански на македонски јазик.
Наградата „ВАВИЛОН“, иницирана од Делегацијата на Европската Унија во 2013 година, настојува да се промовираат младите преведувачи, како и да се поттикне извонредност во преводот на книжевни дела. Конкурсот е отворен за млади преведувачи до 26-годишна возраст, кои може да се пријават на конкурсот со превод на книжевни дела од некој од 24 службени јазици на Европската Унија на некој од јазиците што се зборуваат во земјата.
Деталните критериуми за наградата за најдобар млад преведувач „ВАВИЛОН“ за 2021 година веќе се објавени на веб-страницата Babylon.mk./МИА/