Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за здравство Венко Филипче и директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски денес беа во посета на полициски службеник кој вчеравечер, при регулирање на сообраќајот на булеварот „Борис Трајковски“ во Скопје, бил удрен од возило во движење. Сторителите избегале од местото на настанот, но истите биле најдени и приведени.
За жал и денеска заедно со министерот Венко Филипче и директорот на БЈБ Сашо Тасевски посетивме наш колега во Комплекс клиники „Мајка Тереза“, кој ноќва, додека извршувал службени дејствија во областа на сообраќајот на бул. „Борис Трајковски“, во близина на фабриката ОХИС, беше удрен и повреден со возило „цитроен берлинго“, управувано од А.Д.(19) и сопатник К.М.(21), кои побегнале од местото.
По насока на Јавен обвинител двете лица се пронајдени, приведени и против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Се надеваме дека повредениот полициски службеник што поскоро ќе закрепне и ќе се врати повторно да им служи на граѓаните.
Уште еднаш би сакал да нагласам дека напад врз полициски службеник е сериозно кривично дело и такви постапки нема да се толерираат, а насилниците мора да одговараат, напиша на својот профил на Фејсбук министерот за внатрешни работи, Спасовски по посетата.
Д. Е.