Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска присуствуваше на отворање на новиот објект „Сонце“ на детската градинка „Детска Радост“ во с.Долна Бањица, општина Гостивар.
„Големо е задоволството да се отвораат нови градинки, затоа што на тој начин овозможуваме сместување на децата од предучилишна возраст во организирани воспитно –сместувачки објекти, а со тоа придонесуваме во нивно градење во здрави психо-емотивни личности уште во најраната возраст. На овој начин овозможуваме нивна поголема подготвеност во понатамошниот образовен процес“, истакна Шахпаска.
Таа посочи дека од 2017 година до денес на ниво на држава капацитетите за згрижување на деца од предучилишна возраст е зголемен за вкупно 49 објекти, со што вкупната бројка на објекти достигна 312 со капацитет од над 3000 деца сместени во нив.
До крајот на 2024 година согласно програмата на Владата, планирано да се креираат нови 7.500 места за згрижување на деца од предучилишна возраст.
Новиот објект Сонце има капацитет за згрижување на околу 60 деца односно три групи деца на возраст од 2-6 години.
Објектот Сонце е резултат на заедничката соработка со општина Гостивар, односно општината инвестираше во самата изградба, а опремувањето е извршено со средства од Министерство за труд и социјална политка и тоа во износ од над 2 милиони денари.
Таа се осврна и на состојбата која ни ја донесе пандемијата со коронавирусот, затворањето на градинките и нивното повторно отворање на 9 септември, на што претходеше темелна анализа и Протокол кон кој строго треба да се придржуваат сите вклучени во процесот, односно родителите, децата и вработените во градинките.
„Сите ние треба да бидеме на нивото на нашата општествена одговорност, на нивото на нашата задача, со цел обезбедување на максимална заштита на нашите најмили, децата“, порача Шахпаска./МИА/