Претседателот на политичката партија Левица Димитар Апасиев, заедно со неговиот адвокатски тим, денеска во архивата на Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против Мерсиха Смаиловиќ од Скопје и уште шест други лица за кои смета дека му се заканувале нему и на членовите на неговото поблиско семејство.
Наводите од пријавата, информираат од партијата, се пријавени и до надлежните инспектори во МВР – СВР Скопје, Одделение за борба со компјутерски криминал.
– Кривичната пријава е поднесена поради постоење основи за сомневање за сторено тешко кривично дело: „Ширење на расисистички и ксенофобичен материјал по пат на комјутерски систем“ казниво по член 394-г, ст. 1 од Кривичниот законик на РМ, како и за сторено кривично дело „Загрозување на сигурноста“ – казниво по чл. 144, ст. 4, а во врска со чл. 23 од КЗ (поттикнување), се вели во соопштението од Левица.
Од Левица, исто така, наведуваат дека очекуваат ОЈО Скопје да постапи по пријавата со истата експедитивност како и во други експонирани случаи.
– Очекуваме ОЈО Скопје да постапи по пријавата со истата експедитивност како кога пријавен беше нашиот претседател Апасиев и да ги преземе сите процесни, предистражни и истражни дејствија – слично како во други експонирани случаи, кога како пријавители се јавуваа носители на јавни функции од власта, а нивните заканувачи беа експресно санкционирани (примерите со премиерот Зоран Заев, министерот Оливер Спасовски, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и др.), наведуваат од партијата.
Левица, стои во соопштението, будно ќе го следи текот на истрагата и благовремено ќе ја информира јавноста за постапувањето или непостапувањето на обвинителите од ОЈО по конкретниов предмет.