Првата транша со износ од 80 милиони евра, од вкупните 160 милиони макрофинансиска помош од Европската Унија за надминување на кризата предизвикана од коронавирусот, ќе биде префрлена следната недела. Ова беше посочено на првата официјална средба на министерот за финансии Фатмир Бесими со амбасадорот на ЕУ во земјава Дејвид Гир.
Како што соопшти Министерството за финансии, дополнително, Унијата во рамки на Договорот за отпорност обезбеди 40 милиони евра, грант средства , кои ќе се наменат за нови бескаматни кредитни линии и грантови за поддршка на мали и средни компании, како и грант за поддршка на невработени лица.
Министерот Бесими на средбата, се опосочува, ја истакна силната определба на нашата земја за членство во Унијата, како и подготвеноста за спроведување на реформите што ќе не приближат до оваа цел.
-Евроинтеграциите ќе обезбедат можности за повисок раст. Ние сме максимално посветени на зацврстување на оваа стратешка определба преку поставување силни темели коишто ќе овозможат реализација на клучните реформи. Ефикасно и ефективно управување со јавните финансии е услов за пристапување на земјата во ЕУ и ние во моментов сме фокусирани на креирање систем кој ќе овозможи стратешко буџетско планирање на долг рок и мерење на резултатите преку индикатори за успешност. Особено сме посветени на имплементација на структурните реформи во насока на подобрување на конкурентноста и креирање работни места, што е во рамки на процесот на подготовка на Програмата за економски реформи како предуслов за подобрено економско управување. Ова е еден од фундаментите во евроинтегративниот проце, рече министерот Бесими.
Посакувајќи му успешен мандат на амбасадорот, министерот упати благодарност до неговиот тим за досегашната безрезервна поддршка со цел побрзо постигнување на европските вредности и приклучување кон големото европско семејство и притоа изрази надеж дека со отпочнување на преговорите поддршката ќе продолжи со уште поголем интензитет, стои во соопштението од Министерството за финансии.