Грција е апсолутно задоволна од заклучоците на Самитот и очекуваме, колку е можно побргу почеток на прелиминарните контакти со Турција, за кои и двете страни се обврзаа, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис од Брисел, јави дописничката на МИА од Атина.
Додаде дека вчера, Европската Унија испрати јасна порака на единство, солидарност и решителност и „разјасни дека отстранувањето на секаква еднострана активност е предуслов за подобрување на односите на ЕУ со Турција, нешто што сите го посакуваме“.
-Но, и истовремено јасно стави до знаење кои ќе бидат последиците во случај Турција да продолжи со агресивното однесување, истакна Мицотакис пред почетокот на денешните состаноци на шефовите на влади и држави на ЕУ.
Односите на Европската Унија со Турција, како и планот на ЕУ за Фондот за закрепнување биле темите за кои грчкиот премиер, денеска разговараше со неговиот унгарски колега, на средбата по барање на премиерот на Унгарија Виктор Орбан.