Првата електронска читална за слепи лица, лица со оштетен вид и лица со попреченост во регионот започна со работа во Студентскиот дом „Мика Митровиќ“ во Белград, јави дописникот на МИА од Белград.
Студентите ќе имаат пристап до технологии што ќе им овозможат полесно да учат, но и приватност во комуникацијата и удобно користење на сите можности на современата компјутерска технологија и Интернетот.
Во рамките на електронската читална, на учениците со оштетен вид им е овозможено да користат електронска лупа, која има можност за зголемување, промена на контрастот, осветлувањето и бојата на содржината. Слепите студенти ќе имаат пристап до камера и софтвер што може да „препознае“ печатен текст и да го прочита, а потоа и да го зачува како текст или аудио документ.
Особено корисно за академците е можноста да го зачуваат печатениот учебник како аудио документ и да го слушаат подоцна, кога тоа им одговара.
Исто така на располагање ќе имаат и софтвер – читач на екран кој ја изговара содржината и сите активности на корисникот на голем број јазици по избор. За студентите кои користат инвалидски колички, во електронската читална ќе има маса прилагодлива по висина и наклон на таблата, како и два држачи на подлактицата, кои ја олеснуваат работата.