Болен пациент од ковид-19 синоќа побегнал од ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“ во Скопје, објави 360 степени. Директорот на болницата, д-р Христијан Костов, за „360 степени“ го потврди инцидентот. Вели дека станува збор за бездомно лице кое откако било потврдено дека е позитивно на вирусот, избегало од болницата. Оттаму веднаш го пријавиле случајот во полиција и пациентот бил вратен во ковид-центарот.
„Бездомникот е најден во лоша состојба и донесен со Брза помош. Стапено е во контакт со социјалните служби за да се обезбедат здравствено осигурување и документи за идентификација, со цел да му помогнеме да се лекува. По приемот се направени анализи и дијагностички процедури според протоколите за ковид-19. Направен е ПЦР-тест и е потврден дека е позитивен на ковид-19. Испитани се белите дробови и се утврди пневмонија од ковид. Веднаш потоа го ставивме во делот за ковид-позитивни пациенти и му е одредена терапија. Дежурниот лекар и медицинскиот персонал увиделе дека пациентот бил многу вознемирен, шетал по одделот и повеќепати бил предупредуван и враќан во болничката соба, но вечерта околу 9 часот успеал да излезе од одделот и да ја напушти болницата. Дежурниот персонал веднаш изреагирал и по известување до МВР пациентот е пронајден. Тој е вратен кај нас во болницата и е продолжено неговото лекување. Во моментов е во добра состојба“, вели Костов за „360 Степени“.
Од МВР за „360 Степени“ велат дека станува збор за пациент од Куманово, кој бил вратен во болницата во 2 часот по полноќ.